Свет
22. November 2021 - 10:43

Путин прими трета доза вакцина против Ковид-19

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа соопшти дека примил трета доза од вакцината против Ковид-19.

– Го направив тоа пред два часа, рече Путин на снимките што ги емитуваше руската државна телевизија „Росија 24“ и додаде дека било безболно.

Путин претходно прими две дози Спутник В, а овојпат прими Спутник Лајт, што се дава во една доза.

Од почетокот на есента Русија постојано руши рекорди по бројот на нови инфекции и смртни случаи од Ковид-19. Русија досега има пријавено 9.331.158 случаи и 264.095 смртни случаи, што е најголем број во Европа. Брзото ширење на епидемијата се должи на ниската стапка на вакцинација поради недовербата во владата.

Иако земјата има неколку вакцини од домашно производство, само 36,7 отсто од населението на Русија е целосно вакцинирано, според специјализираната веб-страница Гогов. Путин, кој се противи на задолжителната вакцинација, сепак ја поддржа таквата мерка во некои делови од земјата и за некои групи граѓани. Во јуни Москва воведе обврска за вакцинација во услужниот сектор.