Свет
14. December 2016 - 19:19

Путин повторно највлијателна личност според „Форбс“

Рускиот претседател Владимир Путин четврта година по ред е прогласен за највлијателна личност во светот од „Форбс“.

- Од својата татковина до Сирија, како и до американските избори, рускиот лидер продолжува да си ги постигнува целите, се наведува во образложението на „Форбс“. 

На второ место е новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, а на трето место е германската канцеларка Ангела Меркел.

Потоа следи кинескиот претседател Кси Џинпинг, на петто место е папата Франциско, а на шесто место е директорката на Американската централна банка Џенет Јелан.

Според „Форбс“ на седмо место е коосновачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, потоа директорот на „Алфабет“ и на „Гугл“ Лари Пејџ, на девето - индискиот премиер Нарендра Моди, а на десето место е основачот на „Фејсбук“ Марк Зукерберг.

Европскиот централен банкар Марио Драги е на 11. место, а новата британска премиерка Тереза Меј е на 14 место, а на 15 место е милијардерот Ворен Бафет.

Претседателот на нафтениот гихант „Ексон мобил“ Рекс Тилерсон, кој Трамп вчера го номинираше за државен секретар е на 25 место, веднаш зад претседателот на Франција, Франсоа Оланд.