Свет
29. јуни 2016 - 14:45

Путин и Ердоган договорија укинување на ограничувањата за руските туристи за посета на Турција

Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, денеска се договорија да ги укинат ограничувањата за руските туристи за посети на Турција, пренесе ТАСС. 

Прес-службата на Кремљ информира дека оваа тема била разгледана за време на телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери. Во разговорот било потенцирано да се укинат ограничувачките мерки во однос на патувањата на руските туристи во Турција.

Притоа било побарано турската Влада да преземе дополнителни чекори во насока на осигурување на безбедноста на руските граѓани на територијата на Турција, се додава во соопштението на прес службата на Кремљ. 

По разговорот со Ердоган рускиот претседател изјави дека по писмото на турскиот претседател била донесена одлука за нормализирање на односите со турските партнери.

- На почетокот на разговорот на претседателот на земјата и на целиот турски народ му изразив жалење за терористичкиот акт, што синоќа се случи во Истанбул, рече Путин.

Кабинетот на Ердоган од своја страна соопшти дека телефонскиот разговор бил „многу плодотворен и позитивен“.

Ова е прв разговор меѓу Путин и Ердоган откако во ноември Турција собори руски воен авион од типот „Су-24“ во реонот на границата со Сирија. Притоа едниот пилот беше убиен при падот по катапултирањето, а вториот беше спасен од сириската армија.

Во понеделникот Ердоган испрати писмо до рускиот претседател во кое изрази жалење за гранатирањето на авионот.