Свет
20. October 2016 - 8:52

Путин и Асад телефонски разговараа пред почетокот на преговорите за Сирија во Берлин

Рускиот претседател Владимир Путин, кој допатува во Берлин на средба за сириската криза со лидерите на Германија и на Франција, Ангела Меркел и Франсоа Оланд, синоќа телефонски разговараше со сирискиот претседател Башар ал Асад, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Двајцата разговарале за ситуацијата во Алепо во контекст на објавениот хуманитарен прекин од страна на руската авијација, како и за развојот на целосната ситуација во Сирија, истакна Песков.

Според сириската агенција САНА, Асад му заблагодарил на рускиот колега за „напорите на Русија на меѓународната сцена во заштита на владеењето на меѓународното право и суверенитетот на државите“.

Сирискиот претседател ја потврдил подготвеноста на неговата земја во борбата против тероризмот, паралелно со напорите за политичко решавање на кризата.