Свет
2. December 2019 - 15:21

Путин го пушти во погон рускиот гасовод до Кина: „Навистина историски настан“

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Си Џинпинг денес го надгледуваа пуштањето во погон на важниот гасовод што ќе испорачува природен гас од Сибир до североисточна Кина, што претставува економски и политички поттик за односите меѓу Москва и Пекинг.
 
Почетокот на протокот на гас со гасоводот „Силата на Сибир“ ги рефлектира напорите на Русија да се сврти кон исток, во обид да ги намали штетите од западните финансиски санкции воведени поради анексијата на украинскиот Крим во 2014 година.
 
Овој потег ја зацврсти позицијата на Кина како главен руски извозен пазар и ѝ даде на Русија потенцијално енормно голем нов пазар надвор од Европа.
 
Русија планира наскоро да лансира уште два гасоводи, заобиколувајќи ја Украина, во јануари планира да го лансира гасоводот „Турски тек“ за транспорт на руски гас во Турција и јужна Европа, и во средината на 2020 година „Северен тек 2“ подземен балтички гасовод за да го удвои гасот до Германија.
 
 
Енергетскиот аналитичар Ендрју Хил изјави дека трите проекти се знак дека руската гасоводна индустрија - „крал на глобалниот гасен сектор“ - станува позрела.
 
Гасоводот „Силата на Сибир“ долг 3.000 километри ќе испорачува гас од полињата за гас Чајандинское и Ковитка во источен Сибир, проект што се очекува да трае три децении и ќе донесе 400 милијарди долари во руската државна благајна.
 
„Тоа е навистина историски настан не само за глобалниот енергетски пазар, туку и за сите нас, за Русија и Кина“, рече Путин, кој го следеше пуштањето во погон преку видео-врска од руската црноморска дестинација Сочи.
 
„Со овој чекор, руско-кинеската стратешка енергетска соработка се подигнува на квалитативно ново ниво, и нè приближува до исполнувањето на задачата поставена со кинескиот лидер Си Џинпинг, да постигнеме билатерална трговија вредна 200 милијарди долари до 2024 година“, додаде Путин.