Свет
10. August 2016 - 20:20

Путин: Бесмислена е нова средба за мировниот процес во Украина по диверзантскиот упад на Крим

Бесмислено е да се заговара нова средба за мировниот процес во Украина по приведувањето на украински диверзанти во Крим, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата во Москва со неговиот ерменски  колега Серж Саркисјан, пренесе ТАСС.

-Информацијата за спречената активност на украинските диверзанти во Крим навистина е многу загрижувачка. Нашите специјални служби го спречиле упадот на територијата на Крим на диверзантско-разузнавачка група на украинското Министерство за одбрана, рече Путин на прес конференцијата по средбата со Саркисјан.

„Украина игра опасна игра“, забележа Путин, цитиран од британските медиуми.

Според него, обидот за диверзија на Украина во Крим е глупав и криминален, а има за цел да го одвлече вниманието од внатрешноукраинските проблеми.

-Русија ќе направи се што е можно за да ја гарантира безбедноста на граѓаните и инфраструктурата на Крим, посочи претседателот и вети дека нема да го занемари или заборави убиството на двајцата руски војници при спречувањето на диверзијата.

Путин на САД и на Европа посебно им укажува дека Украина преминува кон терор.

-Мислам дека за сите веќе е очигледно дека властите во Киев не бараат начини за решавање на проблемите преку преговори, туку се насочуваат кон теророт, што е многу загрижувачко, рече рускиот претседател.

Тој потенцира дека очекува САД да влијаат врз Киев, доколку навистина се заинтересирани за решавањето на украинското прашање, и ги повика САД и Европа да преземат конкретни чекори за промена на однесувањето на Украина.