Македонија
23. July 2018 - 19:09

Пустош од невремето во Прилепско

Земјоделците од Прилепско, посебно од атарите на селата Мало и Големо Коњари се неутешни по денешното невреме проследено со пороен дожд и град во кое сто отсто им е уништен родот, главно, тутунот, пиперките и дел од житните култури.

- За 15-тина минути градот уништи се. Имам 10 декари со тутун, ама се е уништено. Останаа само стеблинките од тутунот. Според првичната процена, уништени се три тона, односно 9.000 евра е штетата. Не ми беше осигуран родот. Деновиве тоа сакав да го направам, ама не знам ништо, рече тутунарот Златко Костадиноски од Мало Коњари. 

Најпогодени од невремето се атарите на прилепските села Мало и Големо Коњари, месноста „Орде Чопела“ и атарот на населбата Варош. Претседателот на општинската комисија за процена на штетите Жарко Северкоски и Зоран Пачешкоски, од стручната комисија информираа дека на преку 300 хектари 100 отсто се уништени тутунот, пиперките, житните култури. 

- Излеговме денеска првично да ја видиме ситуацијата на теренот. Родот е целосно уништен. Утре, на вонредна седница на општинскиот Совет на Прилеп ќе се формира посебна комисија за процена на штетите од невремето, вели Северкоски.

Пачешкоски апелираше до земјоделците од утре да поднесуваат барања за штетите од невремето зошто, како што рече, мора да има официјален документ за да излеземе на теренот иако штетите се 100 отсто.

Тутунот, главно не е осигуран зашто производителите не се задоволни од осигурителните компании.

- Осигурителните компании не ни исплаќаат соодветни обесштетувања, а со некои не сакаат да склучуваат договори. Апелирам до властите да разговараат со компаниите и бараме како што беше пред 10-тина години со склучувањето договори со откупувачите да се направат и договори за осигурување. Моделот не е соодветен и како здружение работиме на оваа проблематика, вели Тони Аљакоски, претседател на тутунското здружение „Мице Козар“ од Прилеп.

Земјоделците апелираат до локалната и централната власт да им излезе во пресрет и да има обесштетување од невремето. Производителите на пиперки главно го осигурале родот, но не знаат што да очекуваат.

- Денеска беше страшно. Бев на жетва и гледав како градот уништува се. Се исплашивме. Имам 10 декари со пиперки, сѐ е уништено. Сега одам во осигурителната компанија „Триглав“ да ги пријавам штетите, па да видам како ќе тече обесштетувањето, вели Влатко Трајчески од Мало Коњари.

Ова е второ невреме за 15 дена што ги зафати атарите на Мало и Големо Коњари. За невремето од 9 јули до општинската комисија се поднесени 105 барања за обесштетување на штети направени на родот на преку 100 хектари.