Македонија
18. July 2018 - 11:33

Пуштена во употреба на пречистителна станица во Радовиш

Вложувањето во изградба на пречистителни станици е исклучително важно за заштита на животната средина и за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев денеска во Радовиш на пуштањето во употреба на пречистителната станица.

Посочи дека пречистителната станица во Радовиш ќе опслужува 25.000 граѓани од овој крај.

- Наводнувањето на земјоделските површини ќе се врши со чиста и здрава вода, што е предуслов за производство на здрава храна. Во Радовишката река нема повеќе да се одлеваат отпадни води, туку пречистена вода од станицата. Проект опфаќа и изградба на нов колекторскиот систем како и обнова на канализационата мрежа, истакна Заев.

Според него, ова е мал но многу значаен чекор кон достигнување на европските стандарди за здрава и чиста животна средина и квалитетен живот.

Премиерот истакна дека за само неколку месеци пуштени се во употреба четири пречистителни станици во Струмица, Кичево, Прилеп и Радовиш, проекти финансирани од ИПА фондовите и дел од буџетски средства.

- Ме радува посветеноста и темпото на брза реализација со кои локалните самоуправи и државните институции пристапуваат во реализација на проектите финансирани со ИПА средствата. Сакам и во иднина да охрабрам уште поинтензивно работење во реализација на ИПА проектите, рече Заев.

Тоа, како што додаде тој, покажува дека Република Македонија решително и забрзано чекори на европскиот пат. Во контекст на тоа посочи на изјавата на амбасадорот Жбогар дека возот на Македонија веќе се движи кон ЕУ!

- Низ взаемна соработка на институциите и нашите партнери и поддржувачи од ЕУ, но и преку вклученоста на граѓаните кои придонесуваат за заштита и унапредување на квалитетот на местата во кои живееме, ќе ги достигнеме стандардите и побрзо ќе ја изградиме Македонија во држава според европски правила, нагласи премиерот.

Република Македонија, како што рече Заев, ќе продолжи да учи и применува искуства од европските земји во управување со ваков тип на врвни технологии.

- Интеграцијата на Македонија кон ЕУ значи дека Македонија ја носиме во Европа, но ваквите иницијативи се јасен пример со што Европа ја носиме тука, дома, кај нас во Македонија, низ убавите градови на нашата земја, додаде тој.

Во оваа пригода Заев упати честитки до локалната самоуправа и до градоначалникот на Радовиш,  Герасим Конзулов за посветениот ангажман, до WTE/EVN груп за успешната реализација на проектот, а голема благодарност упати од името на граѓаните на Република Македонија до граѓаните – даночни обврзници во Европа, чиј придонес, како што рече, е огромен во помошта што ни ја пружаат преку европските фондови, клучни за реализација на развојни проекти од овој тип.

На пуштањето на пречистителната станица во Радовиш присуствуваа и амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самоел Жбогар и министрите за финансии и животна средина, Драган Тевдовски и Садила Дураки.