Бизнис
4. December 2015 - 14:56

Пуштен во употреба апарат за готовинско плаќање сметки на ЈКП Тетово

Апарат за готовинско плаќање на сметките од јавното комунално претпријатие Тетово е пуштен во употреба денеска. Апаратот на компанијата „Плати брзи“ која функционира во рамки на Pay Net е сместен во маркетот Рамстор кај ректоратот на Државниот Универзитет во Тетово. Од компанијата „Плати брзо - Pay Net“ велат дека се работи за брз и сигурен начин за плаќање на давачките што ќе им биде достапен на тетовци 24 часа.

- Возбудени сме што конечно се прошируваме надвор од Скопје и што соработуваме со ЈКП Тетово. Пријатно сме изненадени од нивните досегашни достигнувања на примената на модерната технологија и затоа се решивме на соработка со ЈКП Тетово. Се надевам дека и другите компании ќе го следат овој пример и ќе се решат да постават апарат преку кој граѓаните ќе ги плаќаат своите сметки на брз и иновативен начин, изјави Тимир Малик Шамасуров од компанијата „Плати брзо - Pay Net“.

За директорот на ЈКП Тетово Џељал Цека ова е чекор напред за претпријатието и тој очекува дека во следниот период ќе бидат пуштени уште вакви апарати низ Тетово и во централното градско подрачје.

- Мене ми е навистина мило што ЈКП Тетово е првиот субјект во нашиот град што го промовира овој начин на плаќање на сметките и тоа по Водовод Скопје и УЈП. Освен комуналните, ќе може да се плаќат и интернет услуги, мобилна телефонија, кабелска телевизија, осигурителни услуги и слично, наведе Цека.

Проект менаџерот на „Pay Net“  Филип Јуруковски појасни дека корисниците на  „Pay Net“ системот ќе имаат можност да плаќаат на два начина. Првиот е со готовина преку платежните терминалите што ќе бидат поставени во најфрекфентните малопродажни објекти и места низ градот. Вториот начин е плаќање со дебитни или кредитни картички преку интернет страната или бесплатната мобилна апликација Pay Net –мобилен паричник, рече Јуруковски.

Од компанијата Pay Net велат дека се работи за готовинско и безготовинско  брзо и сигурно плаќање на сметките на граѓаните, а оваа можност ќе им биде достапна нон стоп 24 часа, 365 денови во годината.