Македонија
11. January 2017 - 16:59

Пунктот во Момин Поток 24 часа отворен за бездомниците

Откако судбината си поиграла со неговиот живот 21-годишниот Екрем Муминовиќ е бездомник на скопските улици. Неколку години засолниште му е напуштена зграда во Кисела Вода. За леб заработувал бришејќи автомобили на крстосниците. Неможејќи да ги издржи екстремно ниските температури кои ја зафатија Македонија тој веќе 2 недели е сместен во пунктот во Момин Поток.

- Добро е тука има за јадење, бањање, спиење, облека, добро е... вели за Сител Екрем Муминовиќ.

Екрем во прифатилиштето е заедно со уште 20-тина бездомници. Овој пункт е отворен 24 часа се додека температурите се длабоко под нулата.

- Вкупно 45 волонтери и професионални од Црвениот крст се ангажирани за 24 часовна подршка во прифатилиштето за истото непречено да функционира. Мобилните тимови на Црвениот крст се присутни на терен и по дојава од граѓаните дејствуваат на терен. Досега се реализирани 12 дојави кои резултираа со згрижување на 10 лица, изјави Сузана Тунева Пауновска, Црвен крст на Град Скопје.

Еден од мобилните тимови на Црвениот крст синоќа пред зграда во Центар го нашле и 48 годишниот бездомник Мустафа Алиевски. Веднаш го згрижиле во Момин Поток.

- Ме најде Драгана и ме донесе тука. Како е да се живее на -20 на отворено? – Многу е тешко, се умира... изјави за Сител Мустафа Алиевски.

Последните 2 недели екипи на Црвен крст и труд и социјала згрижиле и 120 социјално ранливи лица, претежно семејства со малолетни деца. Тие се сместени во двата Центри 25 мај и Ранка Милановиќ каде секој ден им се дистрибуира храна и облека за да полесно го преживеат студот.