Македонија
18. January 2017 - 19:25

Пунктот на Црвен крст за сместување на бездомни лица лоциран во Момин поток ќе се проширува

Пунктот на Црвен Крст за сместување на бездомни лица лоциран во Момин Поток ќе се проширува. Двата милиони денари кои од Град Скопје беа предвидени за Новогодишната прослава ќе бидат наменети за зголемување на капацитетот на прифатилиштето за бездомници. 

Ова го соопшти градоначалникот Коце Трајановски, кој денеска ги посети бездомните лица во Момин Поток и заедно со претседателката на Советот на Градот Ирена Мишева им поделија хигиенски пакети и прехрамбени производи. 

Пунктот за бездеомници е отворен во 2008 година. Иако вообичаено работи во понеделник и петок, кога бездомниците добиваат хигиенски услуги, чисти алишта и лекарски прегледи, оваа зима поради екстремните температури Црвениот крст на град Скопје, од 30 декември им понуди 24 часовно згрижување на сите лица на кои им е потребно тоа. 

Од милион и седумстотини илјади денари, кои се потребни за непречено функционирање на пунктот за бездомници на годишно ниво, Град Скопје обезбедува 500.000 денари, додека преостанатите средства доаѓаат од буџетот на Црвениот крст на град Скопје и други донатори.