Свет
19. October 2017 - 10:52

Пуџдемон најави прогласување независност, доколку нема преговори со Мадрид

На само неколку минути пред истекување на ултиматумот кој Мадрид и го даде на Барселона за повлекување на барањето за независност, каталонскиот лидер денеска објави писмо, со што го игнорираше барањето на Шпанија.

Во писмото испратено вчера до шпанскиот премиер Маријано Рахој, а јавно објавено денеска неколку минути пред 10 часот, се наведува дека каталонскиот регионален парламент може да гласа за формално прогласување независност од Шпанија доколку централната власт одбие преговори со Барселона.

- Ако Владата и натаму го попречува дијалогот и продолжи со репресијата, каталонскиот Парламент, доколку се оцени дека е опортуно, ќе гласа за формална декларација за независност, наведе Пуџдемон во писмото.

Во меѓувреме е соопштено дека портпаролот на шпанската Влада ќе даде официјална изјава за Каталонија во 10.30 минути по локално време. 

Западни медиуми наведуваат дека в сабота ќе се одржи седница на шпанската Влада, на која ќе се активира членот 155 од Уставот, со што и се дозволува на Владата во Мадрид директно да интервенира во управувањето со автономниот регион и да стави крај на системот на самоуправување.