Македонија
17. December 2015 - 14:13

Публикација за градбите во главниот град „101 Објект во Скопје“

Продуцентската куќа „Трето уво“ објави публикација „101 Објект во Скопје“ - монографија за највпечатливите градби во главниот град - од старо Скопје до најнови објекти. Изданието е луксузно печатено, има 220 страници со  фотографии и текст на македонски и на англиски јазик. Во состав на книгата е и ДВД во кое градбите се прикажани снимени од воздух со дрон. 

Градбите во монографијата се поделени во категориите: Национални институции, Музеи, Административни објекти, Комерцијални објекти, Старо Скопје, Религиски објекти, Станбени згради, Спортски објекти, Образовни институции, Комплекси и Катни гаражи. 

На денешната промоција Иво Јанковски од „Трето уво“ рече дека книгата е создадена по примерот на слични книги за зградите во големите метрополи, како Њујорк, Токио, Лондон, Париз, а  101 е симболично избран број зашто Македонците, како што рече, го користат во секојдневниот говор со значење на долговечност и бесмртност. Публикацијата ги презентира познатите згради, но и многу нови објекти. 

- Скопје е еден од ретките, а можеби и единствен град каде неговите жители не се ориентирани по имињата на улиците, како што е вообичаено во цел свет, туку по популарните згради во него. За секоја зграда покрај фотографија има податоци за архитектот и годината кога била пуштена во употреба. Нема амбиција да биде архитектонски алманах или водич низ Скопје. Единствена цел е да се направи пресек на естетиката на Скопје преку неговите згради, систематизирани во неколку категории. Иако е наменета, во прв ред, за странски посетители, таа во исто време ја збогатува и сопствената свест за градот во кој живееме но, за жал, не забележуваме колку забрзано се менува, рече Јанковски. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека читателот со ова издание добива можност да проникне во формите и творечката оригиналност на архитектонските дела кои, како што рече, говорат за градителската традиција уште од 4 век од нашата ера. Според неа,  целокупната приказна за архитектонското богатство на Скопје во книгата е заокружена со капиталните објекти кои, рече таа, му недостасуваа на нашиот град  и кои се изградија во изминатите пет години. 

- Публикацијата „101 Објект во Скопје“ е своевиден времеплов кој не подучува дека нашето Скопје е град со традиција, особеност, град со автентичен дух и со сопствен архитектонски израз, град со идентитет. Таа е вреден артефакт за сите нас, но и репрезентативен подарок за секој посетител кој сака да ја посети престолнината на современата македонска држава и да се запознае со нејзината вековна историја, рече министерката за култура.

Публикацијата, во чие создавање биле вклучени триесетина креативци, ќе биде во продажба во книжарниците низ Македонија.