Македонија
18. March 2022 - 21:15

Птичјиот грип пристигна во Преспа - Дали постои опасност од ширење на вирусот кај живината?

Нема нови случаи на птичји грип. По двата регистрирани минатиот месец, еден во скопско Злокуќани, друг во штипско, засега состојбата е мирна, но будно се следи.

Агенцијата за храна и ветеринарство изврши попис на фармите, достави решенија како да се постапува во овој период, на сопствениците на фарми им е наложено да не ја чуваат живината на отворено. 

Ова се презема затоа што следи период кога птиците се селат, во преспанскиот регион на грчка страна е регистриран помор на околу 600 пеликани кои од Субсахарска Африка, преку Израел и Турција стигнале до Мала Преспа, а за кои Националната лабораторија потврдила дека угинале од високопатогена варијанта на птичји грип.

Контролите и на граница и во земјата ќе се следат и во наредниот период. Во случај болеста да се појави во фармите, екононмските штети ќе бидат огромни.

Птичји грип или Х5Н1 е болест предизвикана од вирусот на грип тип А и предизвикува голема смртност. Во земјава во 2017 години беа илјадници заболени птици. 

Се работи за зооноза која ретко, но може да се пренесе и на луѓето.