Македонија
20. October 2018 - 15:23

Првпат се порибуваше Осломејското езеро кај Кичево

Вештачкото езеро што пред десетина години се формира во една од депресиите на поранешниот рудник за јаглен Осломеј, со површина од над 30.000 метри квадратни и со максимална длабочина до 15 метри, денеска првпат се порибуваше со крап во текот на овој викенд.
 
За порибување на Осломејското Езеро иницијативата беше покрената од група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, кои имаа за цел ова вештачко езеро за краток период да се претвори во вистински рај за спортските риболовци и љубителите на убавата природа.
 
– За да биде што попривлечно за спортските риболовци и љубителите на убавата природа, поголема група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, одлучивме со сопствени прилози да го порибиме Осломејското Езеро и со тоа да му дадеме и поширока анимација на овој простор. Од страна на доброволци од нашиот град собравме стотина илјади денари, средства наменети за прво порибување со крапска риба на ова езеро, а рибниот подмладок го обезбедиме од рибник кај Неготино. Го порибивме езерото со крап од сите големини и во езерото пуштивме и десетици матици, кои ќе се мрестат во самото езеро, а подмладокот од овие матици, очекуваме да има побрза адаптација на условите во оваа вештачка акумулација, што ќе овозможи и натамошно размножување на крапот во самото езеро и зголемување на рибниот фонд, вели Бесмир Елези, еден од иницијаторите на оваа акција и главен помагател за порибување на езерото.
 
Се очекува да се уредува и просторот околу самиот брег на езерото кој служи за атракција за лубителите на природата. /МИА