Балкан
1. May 2017 - 20:50

Првомајски протест во Тирана, се бара повисока минимална плата

Зголемување на износот на минималната плата и почитување на работничките права, се двете главни барања од првомајскиот синдикален протест одржан во Тирана.

Протестот е поддржан и од Алијансата за полова рамноправност, од каде се упатени остри критики до претприемачите што и на Денот на трудот жените ги повикале да работат.

На протестот, кој беше одржан пред плоштадот „На непознатиот јунак“, претседателот на Конфедерацијата на албанските синдикати, Кол Никола порача дека зголемувањето на минималната плата е поодамнешно барања и потреба на работниците.

- Ние денеска протестираме и апелираме за достоинствена плата и работно место, денеска протестираме за зголемување на минималната плата, која беше една измама четири години, без разлика на постојаните барања и притисок на Конфедерацијата на синдикатите врз Парламентот, Владата и сите одлчувачки структури во земјава, посочи Никола на протестот.

Почитување на законот за работни односи и заштита при работа побараа претставниците на Политичката организација, која одржа собир пред Министерството за труд и благосостојба. Тие во раце држеа подолга парола на која беа испишани имињата на 200 работници, кои во изминатите десет години животите ги загубиле на работното место.