Македонија
3. јуни 2016 - 19:40

Прво писмено предупредување, потоа блокирање на сметка измени во работата на извршителите

Од 20 август стапува на сила новиот закон за извршители. Од законските измени најголема придобивка ќе имаат физичките лица должници.Извршителите нема да можат да им ги блокираат сметките без писмено предупредување,односно граѓаните ќе се спасат од трошоците за деблокирање на сметката кои чинат околу 1500 денари. Од Комората на извршители која денес го прослави 10 годишниот јубилеј очекуваат со новиот закон за извршување да се решат сите проблеми и недостатоци во постапката.

- Законот за извршување нуди измени и поволности за сите учесници во извршувањето почнувајќи од самите извршители кои добиваат јасни и прецизни одредби за извршување. Придобивки ќе има и за доверителите чии рокови се скратуваат, осносно прецизните и брзи постапки ќе придонесат за подобро спроведување на извршувањето и за побрзо доаѓање до своето побарување од страна на доверителите, рече претседателот на КИРМ Петрески.

Со измените се нуди и вонсудска наплата на долговите за комуналии односно оние што првпат дознаваат дека имаат долг, ќе имаат само трошоци за плаќање на сметките кои ги должат, а не и трошоци за адвокати , нотари и судови. Социјалните случаи можат да побараат плаќање на рати.

 Досегашната пракса покажува дека извршителите најмногу предмети за наплата имале од граѓани за неплатени трошоци за парно , струја, вода и комуналии. Ланската година  извршителите констатираа намален број на предмети односно зголемена свест кај граѓаните, поради што и нивниот број се намали.