Македонија
20. September 2016 - 17:20

Прво интервју на СЈО по формирањето на тимот без конкретни одговори

Неделникот Република попладнево го објави целиот материјал од снименото интервју на специјалната обвинителка Катица Јанева кое вчера во скратена верзија се емитуваше на Македонската радио телевизија. Највпечатливиот дел од интервјуто кое гледачите на јавниот сервис не можеа да го погледнат се однесува токму на обвинението за судскиот процес Пуч. она што може да се забележи е дека Јанева воопшто не знае кои кривични дела им се ставаат на товар на обвинетите во предметот кој таа превзема пред повеќе месеци.

Во последниот дел од интервјуто Јанева вели дека таа и нејзините обвинители постојано трпат закани по својот живот, но како што информираат од Министервството за внатрешни работи, до овој момент ниту еден член на Специјалното обвинителство нема поднесено пријава.

По долго време, Јанева за прв пат се појави во јавноста но не понуди многу одговори. Јавноста и натаму очекува информации како СЈО потроши 1 милион евра за 6 месеци со оглед на тоа дека за овие пари немаше никакви информации во последниот извештај. Сител со месеци чека одговор и на прашањето, кои се луѓето кои Специјалното обвинителство ги има ангажирано со парите на граѓаните и колку им плаќа за тоа.