Свет
15. March 2016 - 12:04

Првите руски авиони полетаа од Сирија кон Русија

Руските трупи стационирани во Сирија, почнаа со забрзаните подготовки за повлекување од Сирија, јавува Си-Ен-Ен означувајќи ја вчерашната одлука на официјална Москва, како „изненадувачки чекор“.

Американската телевизиска компанија која се повикува на руските медиуми, јавува дека големи транспортни авиони се подготвени да полетаат со војниците, вооружувањето, логистичката опрема и техника за враќање во руските бази.

Предвидено е повлекување на бомбардерите „СУ 24“, на авионите ловци „СУ-25„ како и на борбените хеликоптери, без разлика што западните воени експерти не разбраа колкав беше контингентот што Москва го префрли во Сирија.

Според америкнскиот Пентагон, Русија има префрлено меѓу три и шест илјади свои војници и воздухпловни единици кои беа дополнување на авионите и бродовите стационирани во руските бази на сириска територија- во Латакија и Тартус.

Москва веќе соопшти дека станува збор за „намалување“ на руските сили во Сирија, а претседателот Владимир Путин објасни дека двете руски бази продолжуваат да функционираат „како обично“.

Си-Ен-Ен вели дека „намалувањето на контингентот“ во Сирија, што првпат беше најавено вчера на средбата на претседателот Владимир Путин со своите министри за одбрана и надворешни работи, Сергеј Шојгу и Сергеј Лавров, се однесува само на војската што беше префрлена во неколку бранови, во август и септември минатата година.

Руските сили од септември 2015 година почнаа со бомбардирање на позициите на џихадистите на Исламска држава (ИД) и на сите други терористички групи кои дејствуваат на сирискта територија.

Русија е „клучен сојузник“ на претседателот Башар ал Асад и руските сили во изминатите шест месеци и помогнаа на сириската армија да се реорганизира, да поврати дел од територијата што ја контролораа разни бунтовнички групации, а најмногу ИД, а на Дамск му овозможија значително да ја засили својата преговарачка позиција во преговорите за мирно разрешување на конфликтот.

Властите во Дамаск и Москва потврдија дека одлуката за повлекувањето на „главнината“ на руските војници била заеднички договорена.

Сириската влада ги отфрли како шпекулација пишувањта на некои западни медиуми дека дошло до раскол во односите меѓу двете земји.

Западните експерти и медиумите го следат почетокот на повлекувањето на Русите со бројни дилеми, за тоа што стои зад ваквиот „изненадувачки и неочекуван“ чекор на Москва.

Дел од нив сметаат дека мисијата да се спаси Асад од падот е успешно завршена, што се гледа и по сегашната состојба на фронтовите, па Русија сака да и покаже на меѓународната јавност дека нејзина цел не беше „запоседнување“ на територијата на Сирија, а уште помалку вклучување во сириската граѓанска војна.

Британскиот Би-Би-Си верува дека забрзаното повлекување е дел од една „поголема игра“ во која Москва сака да се заврши војната во Сирија и да ги прошири своите врски со Западот, а пред со САД.

Во таа „игра“ се вклучени и Американците кои сакаат да се извлечат од сирискиот конфликт со што е можно помалку последици, иако не знаат како да го изведат тоа.