Македонија
11. January 2016 - 13:47

Првите двајца питомци од Воената академија од утре на престижниот Универзитет Норвич во САД

Никола Манев и Роберто Велковски се првите питомци од Воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје кои од утре ќе поминат еден семстар на Универзитетот Норвич во САД, една од најстарите приватни воени академија, во рамки на потпишаниот меморандум за соработка, а како дел од билатералната соработка на АРМ со Националната гарда од Вермонт.

Целта е, нагласи денеска министерот за одбрана Зоран Јолевски, во следните три години да може секој питомец од Воената академија „Михајло Апостолски“ да помине еден семестар на размена во некоја од воените академии во земјите членки на НАТО, а нивни кадети на воената академија во Скопје.

Јолевски најави дека следната школска година двајца питомци од ВА Норвич ќе поминат еден семестар на ВА „Михајло Апостолски“.

- Соработката ќе се проширува и во други области, во науката, размена на професори, заеднички проекти финансирани од НАТО и други институции. Веќе средината на февруари во Охрид ќе се одржи напреден курс на кој предавачи ќе бидат професори од САД, Велика Британија, од НАТО..., со што ќе се даде импулс на соработката во областа на науката, рече Јолевски.

Според министерот за одбрана, течат разговорите со Универзитетот во Норвич за заеднички постдипломски студии за сајбер безбедноста, кои би биле исклучиво на англиски јазик.

Инаку, од осум кадети пријавени за размена, Никола Манев и Роберто Велковски да ги исполниле сите услови, го положиле задолжителниот Тоефел, за познавање на англискиот јазик, со највисоки оценки, а двајцата со просек повисок од 9,80 се најдобри студенти во нивната генерации.

Питомците Манев и Велковски, кои денеска беа примени од министерот Јолевски, потенцираа дека за нив претставува исклучителна можност да се посети Универзитетот Норвич, да се продлабочи соработката и да се афирмира Воената академија како институција, но и тие како питомци да се здобијат со нови и да ги продлабочат постоечките знаења, што ќе им помогне во нивната кариера како офицери во АРМ.

На Универзитетот Норвич во Вермонт има питомци и од земји кои не се членки на НАТО. Од 1.500 студенти додипломски студии, 900 се питомци, а 600 студенти - цивилни лица, кои имаат заеднички програми. Јолевски потсети дека оваа програма веќе ја посетиле студенти од Универзитет „Св.Апостол Павле“ во Охрид.