Првите дози од вакцината на „Фајзер“ ќе пристигнат во февруари, ќе следат и вакцини преку Ковакс механизмот
Првите дози од вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“ ќе пристигнат во февруари, информира вчера Министерството за здравство. Оттаму соопштија дека бил постигнат директен договор со компанијата „Фајзер“, а количина ќе биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април.
Министерството за здравство информира дека продолжува со разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ, како и преку Ковакс механизмот од каде, како што се наведува, се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини.
Министерството информира и дека во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини и со тоа, како што се наведува, македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата.
– Вакцината на „Фајзер“ е единствената вакцина која има одобрение од двете регулаторни комисии на САД и Европа, ФДА и ЕМА. Вакцината е единствената која ги има поминато сите многу строги контролни механизми на овие административни тела, изјави вчера министерот Филипче на собраниската седница посветена на пратенички прашања.
Тој информираше дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор Сергеј Баздникин за руската вакцина „Спутник 5“, но таа тогаш била во третата фаза од клиничките испитувања, а процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.
– Последните месеци тој процес заврши и таа влегува во еден од деловите на КОВАКС механизмот. Не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку КОВАКС ќе стигне и руската „Спутник 5“. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на Гави алијансата, изјави Филипче.
Тој, говорејќи за епидемијата со Ковид-19, рече дека таа кај нас се смирува и оти рестриктивните мерки на Владата дале резултаите.
Стивнување на епидемијата покажуваат и вчерашните статистички бројки за Ковид-19. Вчера беа регистрирани 493 нови случаи на коронавирусот од направени 2.366 тестирања. Беа регистрирани 450 оздравени и 15 починати пациенти. Најмладиот починат пациент е на 35-годишна возраст од Куманово. Освен 35-годишниот од Куманово, меѓу починатите има и 47-годишник од Скопје. Пациентите починале во болнички услови.
Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 82.794, бројот на оздравени пациенти е 60.706, на починати е 2.488, а бројот на активни случаи изнесува 19.600.
Најмногу од активните има во Скопје – 11373, Тетово – 849, во Струмица има активни 618, Куманово – 604. Во другите градови има под 600.
Досега во земјата се направени вкупно 399.163 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 971 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во болниците низ земјава надвор од Скопје е пријавено дека се лекуваат вкупно 580 ковид-пациенти. Во Скопје на инфективните оддели вкупно се лекуваат 391 лице сомнително и потврдено за КОВИД-19.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 99 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 130 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Вчера во болниците имаше 115 слободни места.
И покрај смирувањето на епидемијата, Влада, сепак, предупредува дека граѓаните треба да празнуваат одговорно и да ги почитуваат мерките и препораките, со цел да се спречи ширење на вирусот и повторно влошување на состојбата.
Владата вчера на сите граѓани им ги честита новогодишните и божиќни празници со апел во овој период да се почитуваат рестриктивните мерки и препораки за да се избегне зголемувањето на бројот на заболени од КОВИД-19.
Таа потсетува дека за периодот од 18 декември до 20 јануари постои ограничување на работното време на угостителските објекти до 18:00 часот. Во сила е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, за сите граѓани, за општините, работните организации, како и забрана за работа после 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти.
Забрането е собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор во текот на целиот ден.
Секој граѓанин, потенцираат од Владата, мора да носи лична заштитна опрема на лицето (прекривка на устата и носот). Остануваат активни и јасните препораки до верските заедници, да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.
– Според препораките, апелираме да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18:00 часот, за да се избегнат ризиците од формирањето групи на граѓани. Во домовите, по повод празниците и семејните прослави, да ги почитуваме и препораките кои налагаат во рамките на еден дом да нема присутни повеќе од четири лица како гости, истакнуваат од Владата.
Прекршувањето на задолжителните мерки, правила, рестрикции и протоколи за спречување и заштита од коронавирусот, потсетуваат, е казниво заради загрозување на животот и здравјето на граѓаните.
Да се почитуваат мерките и да се празнува одговорно, апелираат и поглаварите на црквите и верските заедници во земјава и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Даријан Сотировски по вчерашната средба во Клубот на пратениците во Скопје.
На средбата, покрај Сотировски присуствуваа и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Реисул Улема на ИВЗ х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на ЕМЦ Марјан Димов. Поради објективни причини отсуствуваше претседателот на ЕЗРМ г-ѓа Берта Романо Николиќ.
– Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување дистанца и носење на заштитна маска, порачаа верските лидери.
Ново на Сител
-
Царинска управа: Запленети накит, девизи, цигари, облека и автоделови
-
Костадиновски: Одлуката за подготвителна седница не е слабост, Судот ќе одлучува за иницијативите за Законот за јазиците најдоцна во мај
-
Сведокот Гоце Трајковски во случајот со убиството на Вања и Панче е осомничен за друго тешко кривично дело и по него се трага
-
Со нож се заканувал на вработен на патарина
-
Акција на грчката полиција за разбивање на турската мафија во Атина и Солун
-
Русија ги повика своите граѓани да се воздржат од патувања во западните земји
-
Екипи на ДПИ на терен, мониторинг на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“
-
Обвинителството оформи предмет за лицата ставени на „црната листа" на САД