Бизнис
14. April 2019 - 12:15

Првите 15 милиони евра од евтините кредити на ЕИБ за мали и средни фирми од идната недела

Првата транша во износ од 15 милиони евра евтини кредити за малите и средните претпријатија преку ЕИБ, ќе биде префрлена следната недела. Ова беше истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и потпретседателот на Европската инвестициска банка Ендру Мекдовел, соопшти денеска Министерството за финансии.

-Ова се првите средства од целосната кредитна линија за мали и средни претпријатија во износ од 100 милиони евра. Бордот ја има одобрено траншата од 15 милиони евра и таа треба да се повлече на 17-ти месецов, односно следната недела. Со ова ќе се поддржат инвестициите на 39 мали и средни фирми, рече Тевдовски.

Речиси 90 отсто од проектите во првата транша се долгорочни инвестиции. Најмногу се инвестира во деловни објекти, опрема и транспортни средства, а помалку во обртни средства. Ова значи и отворање повеќе нови работни места.

Тевдовски посочи дека покрај евтината кредитна линија за мали и средни претпријатија  со ЕИБ се зборувало и за финансирање на третатата делница на пругата на Коридор VIII, односно до границата со Бугарија. Исто така се зборувало и за нови 50 милиони евра за проектот за изградба на водоводи и канализација.

-Особено е значајна поддршката која ЕИБ ќе ја даде во енергетскиот сектор во земјава, односно гасно поврзување со Грција, рече Тевдовски.

Делегацијата предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката Анита Ангеловска -Бежоска покрај со претставници од ЕИБ, оствари средба и со  Пол Томпсен, директор на ММФ за Европа, и со Јасмин Рахман, шеф на мисијата на ММФ за земјава.