Македонија
30. јуни 2020 - 8:35

Првата современа фабрика за отпад во земјава ќе се гради наредната година

Општините од Источниот и Североисточниот плански регион имаат шанса своите дворови да ги исчистат од ѓубре по европски терк. Современиот систем за управување со отпад или како што ја нарекуваат регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци ќе почне да се гради во втората половина на 2021 година.

Ангелина Јовановиќ од канцеларијата на Министерството за животна средина вели дека и покрај актуелната ситација со пандемијата, нема застој во процедурите и подготвките за апликацијата за тендерската постапка за изградба на современиот систем за управување со отпад.

Можеби за некој е далеку 2021 година или да се чека уште една година за првата фабрика за отпад во земјава, која ќе се гради со пари од Европската Унија, но за општините од овие два региони, вработените во центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион, Министерството за животна средина и просторно планирање, канцеларијата на ЕУ, како и за координаторите за овој проект воопшто не е далеку и недостижно, бидејќи заеднички мораа цели 11 години да ги изодат сите процедури, измени на закони по европски стандарди, да ги направат анализите, студии, техничките документации, тендерските постапки, за да дојдат до видливоста на овој капитален еколошки проект за двата региона.

Директорката на Центарот за развој на Источниот планскиот регион, Драгица Здравева, која е дел од самите почетоци на оваа идеја, а сега и конкретна реализација на големиот проект за МИА вели дека сè започна кон крајот на 2009 година, кога тогашните градоначалници на општините од Брегалничкиот регион зазедоа заеднички став за овој проект и потпишување меморандум, а подоцна во проектот се прклучија и општините од Кумановскиот регион.

Осумнаесетте општини и нивните граѓани, кои беа трпеливи некогаш да имаат и спротивставени ставови, а на крајот успеваа да најдат заедничко решение, сега ги чекаат над 40-те специјализирани камиони и контејнери, кои ќе ги добијат за депонирање на отпадот до современата фабрика за отпад.

Од Министерството за животна средина велат дека возилата се очекува да бидат доделени по општините во текот на јули, а за контејнерите ќе има доцнење.

На последната средба на 26 февруари во Свети Николе, на која присуствуваа евроамбасадорот Самуел Жбогар, министрите за животна средина и финансии Насер Нуредини и Нина Ангеловска и 18 градоначалници од Источниот и од Североисточниот плански регион, министерот Нуредини рече дека тендерската постапка е завршена за оваа набавка, а ја има добиено конзорциум од Бугарија и Турција.

– Јас се надевам дека кон средината на оваа година контејнерите, а и камионите ќе може да ги имаме. Што се однесува за сегашните диви депонии можам да кажам дека некои од тие депонии ќе ги затвориме. Меѓутоа некои од другите депонии ќе функционираат и понатаму сè додека не започнеме со изградбата на регионалната депонија за управување со смет, којашто ќе биде сместена тука во Свети Николе, а исто така ќе се градат и станици за трансфер на отпадот. Што се однесува за процесот на тендерирање ќе биде отворен и затворен оваа година, а додека реализацијата на овој проект ќе почне наредната година, вели Нуредени.