Балкан
26. December 2020 - 8:47

Првата пратка вакцини од „Фајзер/БиоНТек“ пристигна во Грција, утре започнува вакцинацијата

Со полициско обезбедување и во присуство на заменик- министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, на граничниот премин „Промахонас“ на границата со Бугарија, синоќа беше пречекан камионот со првата пратка за Грција од 9.750 дози на вакцината од Фајзер/БиоНТек, а утре официјално ќе започне вакцинацијата во земјата, односно т.н. „операција Слобода“

Вакцините ќе се чуваат во специјални  фрижидери за длабоко замрзнување во пет простори за складирање на тајна локација, која ќе биде под 24-часовен надзор и обезбедување, а оттаму  ќе се пренесуваат во центрите за вакцинација кои се вкупно 1.018 во цела Грција.

 Во текот на следната седмица се очекува Грција да добие уште 83.850 дози од вакцината, а до крајот на јануари ќе бидат доставени 429.000 дози и 333.450 дози до крајот на февруари, а до крајот од првиот квартал од 2021 година, само од Фајзер/БиоНТек, се очекува земјата да добие 1.265.550 дози.

Со пристигнувањето на вакцините, од утре започнува и „операцијата Слобода“, односно вакцинацијата во Грција во пет атински болници.

Првите вакцини ќе ги примат повозрасен граѓанин, медицинско лице, но и грчкиот премиер и претседателката на Грција.

Во понеделник на 28 декември, вакцината ќе биде доставена во болниците во Лариса, Јанина, Патра и Солун за ден подоцна, да започне вакцинацијата на медицинскиот персонал и во овие болници.