Македонија
25. September 2020 - 21:27

Првачињата први ги вежбаа мерките за заштита на пет дена пред стартот на учебната година

Денеска првачињата први ги пробаа протоколите за заштита од Ковид-19. Мерење на температура, дистанца, дезинфекција. Но сето тоа беше под ведро небо. Што ќе се случува на први кога наставата ќе стартува во училниците? Ќе дојде ли до хаос и полнење на детските здравствени установи ако за секое кашлање и кивање учениците завршуваат во просторијата за изолација наместо во клупа? Тепература над 37,5, малаксаност, кашлање, повраќање, отежнато дишење и пролив според алгоритмот, се дел од симптомите поради кои детето мора да биде изолирано. Освен корона наплив на болни деца ќе има и поради сезонските вируси кои почнаа. Во детската болница во Козле која е втор Ковид Центар во државата велат дека ќе се справат со предизвикот кој доаѓа.

-Ние сме подготвени, овде ќе правиме дистинкција на заболувањето, секако сезонскиот грип почна, вели др. Ангелчо Андоновски.

Доктор Андоновски кој е и член на Комисијата за заразни болести вели дека согласно протоколот што го изготвиле, во училиште ќе одат само здрави деца.

-Секое кое има температура над дозволената и други симптоми карактеристични на Ковид нема да одат во училиште, вели Андоновски.

Доколку ученик заврши со позитивен тест на Ковид-19, согласно алгоритмот во изолација заминува цело одделение и потесното семејство на детето. Кои од наставниците ќе завршат во домашен карантин проценка ќе прави епидемиолог.