Македонија
29. May 2021 - 16:50

Прва средба на владините кабинети од Скопје и Софија следната недела

Следната недела прва средба меѓу владините кабинети на Македонија и Бугарија  најави премиерот Заев. Деталите се утврдуваат но Заев верува дека бугарската донација на 50.000 вакцини дава добра можност за продолжување на разговорите. Премиерот очекува дека тогаш ќе ги договорат и следните средби на премиерско и министерско ниво за побрзо изнаоѓање на решение на  спорот меѓу двете земји. 

- Конекциите постојат. Уште еднаш нашата замолница и целиот фокус е кон Бугарија со сите нивни институции, претседателот, но и премиерот и министерот за надворешни работи, како и парламентот. Се надеваме дека во јуни ќе дадат поддршка да го направиме следниот чекор во интегративните процеси“, рече Заев.

Хрватските медиуми најавуваат можност за деблокада на преговорите за членство на змејава во ЕУ. Пишуваат дека под притисок на Брисел има се повеќе сигнали кои упатуваат на тоа дека до деблокада може да има пред престојниот Самит на ЕУ закажан за 21 и 22 јуни.

Оптимист е и шефот на македонската дипломатија. Османи вели дека следниве две недели се клучни да се надминат разликите и двете страни продолжуваат со враќање на довербата.

- Има еден конструктивен однос, конструктивна реторика меѓу нас и бугарската Влада. Овие контакти коишто се случија, се важни во враќањето на таа доверба и очекувам таа комуникација да се интензивира во наредниот период. Да се обидеме да ги адресираме сензитивностите и на бугарската страна, меѓутоа се разбира запазувајќи ги и нашите сензитивности во однос на прашањето, потенцираше министерот за надворешни работи.

Не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните, минатото покажа дека и покрај тоа што имавме перфектно досие за започнување на преговори и станавме тест за кредибилитетот на процесот, очигледно ова прашање зависи од многу внатрешни динамики во земјите членки, но нашето е да бидеме упорни. Имаме обврска добиена од граѓаните дека земјата ќе ја внесеме во ЕУ, нагласи Османи.

Најавата за средба на владините кабинети доаѓа по заендичкото патување на Пендаровски и Радев во Рим и чествување на светите браќа Кирил и Методиј.