Македонија
5. December 2019 - 8:46

Прва пресуда за „Рекет“, Кичеец осуден на три години затвор

Еден осуден од тројцата обвинети во предметот „Рекет“, во кој како оштетен се јавува бизнисменот Јордан Камчев. Казна затвор од три години за примање награда вчера доби третоосомничениот Зоран Милевски-Кичеец, кој пред два дена на почетокот на главната расправа за судењето го призна делото, за разлика од прво- и второосомничените, Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, кои се изјаснија дека не чувствуваат вина.

Претседателката на судечкиот совет Васка Николовска-Масевска образложи дека Кичеец е виновен затоа што со Боки 13 преку претходно воспоставени пријателски односи влијаел врз Јанева да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши во врска со водење на кривичната постапка која ја водело СЈО по наредба на тогаш специјалната обвинителка Јанева за спроведување истражна постапка против Јордан Камчев во предметот „Империја“, односно да му ја укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор.

За сето ова придонел Кичеец, кој договарл средби на Камчеви со Боки 13, каде што договарале Јордан Камчев да добие својство на заштитен сведок со намера да ја запре истражната постапка и да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесно кривично дело, да плати незначителен износ штета, да му се укине мерката на претпазливост и привременото одземање на пасошот. На средбите Кичеец ги уверил во влијанието на Боки 13 врз Јанева, а за посредувањето е примена награда со вкупен износ од еден милион и петстотини илјади евра, и тоа од Ана Камчева 500 илјади евра, а од Јордан Камчев еден милион евра.

Боки 13 и Катица Јанева ќе докажуваат дека не се виновни. Јавната обвинителка Вилма Рускоска во воведен говор на судското рочиште рече дека жртви во овој предмет не се тие на кои им се барале пари, туку жртви сме сите граѓани на оваа држава.

Обвинителството, рече Рускоска, ќе докаже дека Јанева го направила тоа од алчност и дека свесно ја злоупотребила службената положба, со што ја издала довербата на народот.

– Ќе изнесеме цврсти докази дека Јанева свесно и со умисла на Боки 13 му изнесувала материјали од предистражни постапки кои се службена тајна за да може Боки 13 од обвинетите во тие постапки да бара милионски пари за тие постапки да завршат со спогодба или во најдобар случај како сведоци, изјави Рускоска.

Првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 во Судот рече дека живеел за денот кога ќе може да зборува, зашто е цел на јавен линч пет месеци за монтиран случај наречен „Рекет“. Второобвинетата Јанева, пак, рече дека не се чувствува виновно и дека е горда на СЈО и тимот што го водела четири години.

Случајот „Рекет“, во кој Камчев бара отштета од еден и пол милион евра, за што завчера Рускоска рече дека во случајов не може да има оштетени, туку за сведоци, го отвори Јавното обвинителство по пријава на премиерот Зоран Заев.

Судењето продолжува в петок против првообвинетиот Јовановски, кој се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и второобвинетата Јанева за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „злоупотреба на службена положба и овластување“.