Македонија
6. September 2017 - 10:11

Прва награда за „Последните камбани“ на Филмскиот фестивал во Монтреал

Краткометражниот филм „Последните камбани“ ја освои првата награда за кратки филмови на 41. „Монтреал ворлд филм фестивал“, што се одржа од 24 август до 4 септември.

Во конкуренција за наградата беа прикажани четириесеттина кратки филмови од целиот свет, но жирито одлучи да ја додели на единствениот македонски претставник. Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

- Пред десет дена сметав дека да се учествува на фестивал од калибарот на оној во Монтреал претставува и чест и одговорност. Но, да се победи на истиот, и тоа при првото фестивалско учество на филмот, тоа е веќе признание за сите кои го овозможија неговото создавање. Мето Јовановски уште на почетокот ми даде до знаење дека во сценариото го препознал потенцијалот за таа идеја да биде општо прифатена и препознаена, вели режисерот Поповски.

Продуцентот Гоце Кралевски најави дека по успехот и наградата во Монтреал, „Последните камбани“ продолжува со фестивалско прикажување во официјална конкуренција на фестивалот за краток филм во Драма, Грција.

- Се надевам дека покрај визуелните наративни квалитети и наградата на фестивалот во Монтреал ќе ги отвори вратите за многу нови фестивалски учества и достојна промоција на „Последните камбани“, вели Кралевски.

„Последните камбани“ говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец, кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа, покрај Мето Јовановски, ја сочинуваат и Сања Николовска Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.