Loading Video...
Фудбал
18. February 2019 - 19:36

Прва МФЛ: Катастрофални судиски грешки на стартот од пролетната сезона

Стартот на пролетната сезона во мак-фудбалот  донесе многу незадоволство и реакции на лошата судиска арбитража. Оштетените клубови со прст кон судиската организација која според нив фаворизира одредени клубови на сметка на други .

 Непризнат гол во  Тетово, гол по игра со рака во Кратово и измислен пенал во Струмица се ситуациите што предизвикаа лавина реакции на стартот од пролетната сезона во Првата МФЛ.

Кога ќе се погледнат снимките од овие натпревари убаво се гледа дека на Вардар му е поништен регуларен гол на дербито со Шкендија.  На Силекс брутално му се откинати два бода во мечот со Шкупи откако напаѓачот на гостите Ангелов ја додаде топката со рака кон стрелецот на голот Велиу.

Голема грешка  и во Струмица каде  фудбалерите на Академија Пандев го отворија противникот по дискутабилен  пенал кој ги демотивира гостите од Ѓорче Петров што на крајот резултираше со тежок  пораз.

Катастрофален старт на сезоната во која речиси сите клубови влегоа со свој влог, да се освои титула, да се обезбеди пласман во Европа или опстанок.   Сите што ја проанализирале прволигашката табела знаат колку ќе биде жешка оваа фудбалска пролет бидејќи секој освоен или загубен бод носи драстични падови.

Токму затоа впечатливо е што катастрофалните грешки личат на брутална нарачка. Вардар е поразен во дербито за титулата.  Силекс во битката за опстанок а Македонија Ѓорче Петров  кон европските позиции.             

Во клубовите кои се оштетени  велат дека состојбата е алармантна бидејќи овојпат грешките ги направија  најискусните , најдобрите судии . Во Тетово  Димитар Мечкаровски, интернационален судија. Во Кратово Марјан Маркоски прогласен за судија на годината во Струмица еден од најискусните Петар Мантев.

Ако вакви фудбалски имиња прават катастрофални грешки тогаш што ќе биде на следните натпревари кога на теренот ќе истрча и подмладокот во црно.  Очигледно додека клубовите се подготвуваа  за продолжението од сезоната  Судиската организација ја тресеше зимски сон.  Доколку не се разбуди на време допрва ќе бидеме сведоци на  фудбалска катастрофа во мак фудбалот.

Време е некој посериозно да се зафати со овој проблем особено што се развива слика дека штетата се прави во корист само на одредени клубови.  Судиите што грешат ќе мора да подлежат на строги санкции во спротивно  тие и натаму ќе решаваат за изгледот на табелата со што и оние малку фанатици што трошат пари на македонскиот фудбал ќе размислат за своите следни потези.