Кошарка
16. April 2016 - 9:08

Прва изјава на селекторот Раца

Новиот селектор на кошаркарската репрезентација, Драган Раца (55), првата изјава по именувањето на функцијата, ја даде за српските медиуми. Во мини интервју за спортскиот портал sportskacentrala.com, тој вели дека уште од декември бил во преговори со челниците на Федерацијата и дека добро знае што го очекува во новата средина. Раца, исто така, најави дека репрезентацијата како дел од подготвките за квалификацискиот циклус, за пласман на ЕП, ќе учествува на силен турнир во Кина.
 
„Од декември имав контакт со претседателот Наумоски и спортскиот директор Марковски. Имавме состаноци, ги разгледавме проблемите и програмата, а бидејќи сметам дека Федерацијата на прво место ја стави иднината на македонската кошарка, лесно се договоривме“, рекол Раца.
 
„Македонија има традиција, знам кои се очекувањата и знам дека кошарката практично е национален спорт во Македонија, особено по успехот во Литванија, а има големи имиња уште од времето на поранешна Југославија. Ние ќе започнеме да спроведуваме нов план. Прва цел е да собереме играчи кои играат, сите да одговорат на повикот и во иднина да станат носители на играта. Со добра работа и атмосфера, треба да создадеме позитивна енергија и да ја оствариме целта, а тоа е пласман на европското првенство. Тоа е наша обврска кон народот кој ја сака кошаркаката“, додава новиот селектор на националниот тим.
 
Раца, проговорил и за можното странско засилување, бидејќи пред извесно време некои медиуми лицитираа со името на Американецот од Црвена ѕвезда, Квинси Милер. Тој, исто така, кусо го коментираше Перо Антиќ, кој на Facebook напиша дека Раца ќе биде „само пион во рацете на Заре Марковски“.
 
„Мораме точно да видиме која позиција ќе ни биде дефицитарна. Постојат неформални разговори, постојат желби, но рано е да се говори за тоа. Прво треба да го направиме костурот на тимот, дури потоа ќе можеме да се насочиме кон играчите кои можат да ни помогнат. Желбите се едно, а на крајот ќе видиме дали е можно тие да бидат остварени. Не одвојувам внимание за критиките, без оглед кој да дојде на местото селектор ќе има критики, секогаш постојат различни мислења, секој го има тоа право. Перо го познавам од претходно, игравме еден против друг и секогаш е добредојден, тоа прашање не се поставува“, рекол Раца.
 
Тренерот кој од 2010 година работел во Кина, вели дека го искористил своето влијание репрезентацијата да добие повик за учество на силен турнир во Кина, во летниот период. Според него, на овој турнир ќе учествуваат Нов Зеланд, Кина, Иран, Литванија, Белорусија...
 
„Прва цел е играчите кои ќе дојдат во репрезентацијата да имаат нормален статус. Ние ќе се обидеме да обезбедиме најдобри услови за подготовки. Со моето именување добивме повик од кинеската репрезентација за учество на турнир, преку кој ќе се промовира Светското првенство во 2019 година. На турнирот ќе настапат Американци, Кинези, Литванци, потоа Нов Зеланд, Иран, Белорусија и Македонија. Ова ќе биде најголемиот кошаркарски настан во Кина во наредните три години. 
 
Иако Македонија доби релативно лесна група (Луксембург, Унгарија, Велика Британија) во кавлификациите за ЕП, Раца смета дека нема да биде лесно да се оствари целта.
 
„Македонската репрезентација мора да биде пред секој поединец, а со добра атмосфера ќе ја оствариме нашата цел. Нема да биде лесно во квалификациите. Англичаните имаат добри играчи кои играат во НБА лигата, а унгарската кошарка е во подем во изминатите неколку години“, додава. 
 
Раца својата тренерска кариера ја започнал во 2002 година на клупата на АЕЛ Лимасол од Кипар, потоа водел и екипи во првенствата на Либан и на Кина. 
 
Неговиот последен ангажман е во кинескиот Чунгкинг флај драгонс, претходно бил тренер и на Ираклис, Олимпиас Патра, Апоел, Сагаза (Либан) и кинески Гуангжоу. Српскиот тренер, инаку, досега бил и селектор на репрезентациите на Либан (2007-2009) и Кипар (2004-2005).