Македонија
15. April 2016 - 9:12

Прва илустрирана антологија на еротски афоризми „Будење на петелот“

Од печат денеска излезе првата илустрирана антологија на еротски афоризми „Будење на петелот“ или првиот буквар- сликовница за возрасни, како што  рецензентот Александар Чотриќ го нарече ова по многу нешта уникатно издание.
 
Во оваа антологија застапени се повеќе од 150 автори од Балканот, Полска и Русија, а  е резултат на повеќегодишната заедничка работа на сатиричарот Миле Ѓорѓијоски и карикатуристот Миро Ѓеоргијевски. Делчевскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски за МИА истакна дека оваа илустрирана антологија на еротски афоризми е пионерски потфат на двајцата автори кои најавуваат во најскоро време и ново издание со еротски афоризми на сатиричари од цела Европа.
 
- Во „Будење на петелот“ има преку 200 илустрации на афоризми од познати мајстори на еротскиот афоризам. Рецензенти на книгата се Александар Чотриќ и Васил Толевски. Оваа книга е во издание на „Орион“ Делчево. Инаку,  „Будење на петелот“ е прва книга со илустрирани еротски афоризми досега издадена на Балканот и во светот, а во неа се застапени најзначајните имиња на овој жанр од Балканот и Русија, рече Ѓоргијоски.
 
За ова дело на еротски афоризми, познатиот српски афористичар Александар Чотриќ во својата рецензија потенцираше дека афоризмите и илустрациите во книгата се посветени на најстарата, вечната, најубавата, најважната, а понекогаш, најтешката тема – женско/машките односи.
 
- Тие односи понекогаш се пооштри отколку односите меѓу Русите и Американците, Израе лците и Арапите, Северна и Јужна Кореа, или власта и опозицијата во Македонија. Тие односи меѓу половите се такви што ни Господ не можеше да ги одврзе и реши, па Адам и Ева ги истера од рајот. Од тогаш мажите и жените се препуштени сами на себе, на своите љубови и омрази, привлечности и одбивности, различитости и сличности. „Ништо не ги обединува двата пола како различностите“, вели бугарско-рускиот афористичар Веселин Георгиев, сугерирајќи дека жените и мажите се само две половини на една целина која тежнее да се спојат, нагласува Чотриќ.
 
Рецензентот Васил Толевски посочува дека Миле Ѓорѓијоски е човек кој остави огромна трага на Балканот, на темата машко-женски односи. Заедно со неколкумина врвни балкански автори, долги години наназад се поигруваат со  слабостите, пороците, интимните бариери и разузданости на потомците на Ева и Адам. Долги години наназад, покрај творењето, е и страствен колекционер на еротски афоризми и најревносно ја следи оваа продукција, во рамките колку што му овозможуваат техничките можности. Но, тој направи и потег достоен за врвен составувач, повикувајќи ги авторите да си ги селектираат своите најдобри афоризми. Ваквата автоселекција даде квалитетен печат на овој зборник, кој, без сомнение, со воодушевување ќе биде прифатен меѓу нашите колеги, творци на еротски афорими (афоризми за машко/женските односи, како поинаку ги насловуваме).
 
Тој додава дека за да биде вредноста на трудот уште поголема, читатетелот ќе ја забележи заложбата на авторите, не само да се надополнуваат, туку и да се надоградуваат.
 
- Илустрациите на Миро Георгиевски можете да ги прифатите и како самостоен проект, а афоризмите кои  Миле ги селектирал и онака веќе самостојно живеат. Ова ќе биде и посебна радост, но и признание на самите автори, кои низ страниците на книгата ќе ги забележат плакат -верзиите на своите дела, потенцираше Толевски.
 
Инаку, Миле Ѓорѓијоски со нас ја сподели и информацијата дека веќе се работи на ново проширено издание во кои ќе бидат прво опфатени позначајните автори од Европа, а потоа и од светот, воедно се работи и на „Илустрирана антологија на македонски еротски афоризми“.