Македонија
10. October 2015 - 14:59

Прв зафат на интервентна кардиологија во ГОБ „8 Септември“

Во Градската општа болица „8 Септември“ е реализирана прва интервенција на интервентна кардиологија. Тим предводен од доктор Владимир Ристовски, кој неодамна се вратил од доедукација во Дедиње, вчера интервенирал на 63 годишна пациентка, која, според докторот, се чувствува одлично и денеска е пуштена на домашно лекување.

- Пациентката беше со докажана коронарна артериска болест, по направени неколку неинвазивни дијагностички испитувања. Беше со нестабилна ангина. Направени се испитувања, коронографија и се е завршено, информира доктор Ристовски. 

Со реализација на првата интервенција, според министерот за здравство Никола Тодоров, Градската општа болница „8 Септември“ се вклучи во мрежата на здравствени установи во областа на интервентната кардиологија.

- Со тоа се отвори можноста во ГОБ „8 Септември“ да се работат процедури на инфаркти и останати срцеви проблеми кои може да се работат со овие процедури и да не се препраќаат пациентите на клиниките. Со тоа сериозно се подигна нивото на оваа здравствена установа и скоро да нема веќе нешто што не се работи тука во ГОБ „8 Септември“, а се работи на клиниките, што е добро и е сериозна помош за растеретување на клиниките од сложени интервенции, рече Тодоров.

Тоа, нагласи, ќе помогне многу за развој на севкупното здравство во Република Македонија. Покрај во ГОБ, центри за интервентна кардиологија има и во Охрид, Битола, Штип, Струмица и Тетово. Досега во новотворените интервентни центри се направени околу 2.500 процедури, што, според Тодоров, значи дека толку животи се спасени и им се дадени здравствени услуги во местото или блиску до местото на живеење на пациентите, кои порано биле препраќани во Скопје или Охрид.

- Времето и брзината на интервенцијата е од исклучително значење, а превозот до здравствената заштита е губење драгоцено време. Со ваквата распределба на поголем број здравтвени установи во кои се даваат овие здравствени услуги се постигнува европскиот стандард кој предвидува на 200.000 жители да има најмалку еден ангиограф. Со почнување на интервентна кардиологија во „8 Септември“ ние го надминуваме европскиот стандард бидејќи имаме 11 ангиографи на околу 2 милиони жители. И во тој сегмент имаме одлична кардиолошка мрежа, изјави Тодоров, по посетата на ГОБ „8 Септември“.

За интервентната кардиологија се закажува преку „мој термин“, а потоа се формира листа и ќе се интервенира по приоритетност.

Доктор Ристовски, кој е специјалист интернист досега имал извршенио околу 800 процедури и самостојно ја изработил првата интервенција во ГОБ „8 Септември“.

Градската општа болница е единствен центар во јавното здравство во Македонија каде се работат радиолошки и кардиолошки интервентни процедури. Покрај Ристовски, во моментот има уште тројца лекари на едукација во Дедиње, а се очекува да замине уште еден нивни колега со што ќе се формира тим од пет млади лекари.