Македонија
15. January 2020 - 18:36

Прв состанок на Управниот одбор на проектот „Поддршка за реорганизација на јавната администрација“

Управниот одбор на двогодишниот ИПА проект „Поддршка за реорганизација на јавната администрација“, чија цел е обезбедување на непречена стручна и техничка поддршка, како и следење на напредокот во имплементација на предвидените проектни активности, денеска го одржа првиот состанок.

На состанокот се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претседавачот на Управниот одбор Билјана Николовска Жагар, како претставници на МИОА, како водечка институција и краен корисник во спроведувањето на проектот и Ружица Андроникова, преставник на Делегацијата на Европската Унија.

Целта на овој проект, чија имплементација започна лани во ноември, е да се оптимизира целокупната институционална рамка, да се зајакне испораката на јавните услуги и зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација. Предвидено е тоа да се постигне преку спроведување на функционална анализа, а во рамки на проектот ќе се донесе и нов Закон за организација и работа на органите на државната управа.

Како што информираат од МИОА, министерот Манчевски истакнал дека реорганизацијата на јавната администрација не е изолиран проект на МИОА, туку е еден од стратешките приоритети на Владата. Нешто што историски, првпат се прави во нашата држава. Поставувањето на јасни линии на отчетност, спојувањето на институции со исти надлежности и намалувањето на бројот на институции, додал, е болен процес за нас политичарите, но е долго време очекуван за граѓанните и ќе придонесе кон зголемување на професионалноста и ефикасноста на јавната администрација.

Во Управниот одбор членуваат претставници од Министерство за информатичко општество и администрација, Генерален секретаријат на Владата, Делегација на Европска Унија, Државната комисија за спречување на корупција, Министерство за финансии, Град Скопје и Инспекцискиот совет, додека пак како набљудувач е Секретаријатот за европски прашања.

На денешната седница тимот од тројцата експерти кои работат на овој проект (Ms Ioana CORNESCU, Team Leader / Legal expert, Ms Dace GRUBERTE, Functional review expert, Mr Aleksandrs ANTONOVS, Functional review and State reorganisation expert) го презентираа Почетниот извештај за периодот од ноември-декември, како и предвидените активности за следниот период.

Од исклучителна важност за успешноста на проектот е непречено да продолжи соработката и отвореноста на министерствата, агенциите и инспекциските служби. Имено во периодот што претстои врз основа на Методологија за спроведување на хоризонтална функционална анализа ќе се продолжи процесот на скенирање на состојбата од аспект на детектирање на можни преклопувања на надлежности, па оттаму и предлози за преструктурирање на институциите опфатени со процеот на реорганизација/оптимизација (спојување, укинување или промена на статус). Оттука, од сите 128 институции очекуваме сериозен пристап и посветеност, преку дедицирање на лица одговорни за непречена комуникација со МИОА и проектот.