Македонија
8. February 2017 - 17:05

Прв смртоносен случај од маларија годинава

Шеесет годишен тетовец пред 10 дена починал од маларија на Клиниката за инфективни болести. Прво го лекувале во локалните болници, но поради тешката форма на заразата итно бил препратен во Скопје. Само четири часа по приемот на Инфективна починал. Тој е првиот случај регистриран годинава а болеста ја добил во афричка земја.

- Бил во Африка, односно, во Централно африканската република и по враќањето, по појавата на првите симптоми бил кај матичен. Но болеста кај него била во многу тешка форма, би рекла експлозивна и починал, вели Гордана Кузмановска шеф на епидемиологија во ИЈЗ

Институтот регистрирал уште два случаи со маларија кај млади скопјани кои завршиле на лекување во Клиничкиот центар во Белград. И двајцата биле во Гана, каде во исто време заболеле. Кај едниот маларијата се повратила, откако минатото лето во афричката бил лекуван од ова тропско заболување.

-Добивме известување од колегите од Белград каде им била дијагностицирана болеста. Се уште се хоспитализирани и маларијата им била откриена речиси во исто време. Во белградскиот клинички центар ги хоспитализирале кон средината на јануари, вели Кузмановска

Директорот на Инфективната клиника во Клиничкиот центар во Белград во изјава за Сител вели дека македонските пациенти самоиницијативно отишле во нивната установа сомневајќи се дека имаат маларија. 

-Ние сме регионален центар и прифативме да ги лекуваме. маларијата е потврдена, ги лекувавме и веќе ги пуштивме дома во добра здравствена состојба, изјави  Горан Стефановиќ, директор на Инфективна клиника во Клинички центар во Белград.

Епидемиолозите загрижени што се повеќе македонски граѓани се враќаат во земјата со маларија. Апелираат до сите кои одат во странство, особено во афричките земји задожително да побараат лекарски совет и да примаат антималарична терапија. Оваа болест може да остави последици по здравјето до крајот на животот а често завршува и фатално.

Лани 6мина македонци со маларија кои заболеле во афрички земји биле на лекување во Клиниката за инфективни болести. и додека изминатите години биле евидентирани еден, два до три заболени, за 2016 година ИЈЗ регистрирал најголем број на случаи од оваа тешка болест која ја пренесуваат комарци.