Свет
11. January 2017 - 18:56

Прв настап на Трамп по изборот: Мислам дека Русија стои зад хакирањето

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска во Њујорк ја одржа првата прес-конференција по изборот, на која наведе дека „мисли дека Русија стои зад хакирањето“.

Трамп на прес-конфернецијата, закажана во 17 часот по локално време, задоцни неколку минути.

-Убаво е да се биде со  Вас, рече Трамп и наведе дека се навикнал на секојдневните конференции за медиумите, но дека тие сега не се одржувале затоа што имало „многу неточни вести“.

Освен тоа, Трамп на почетокот на прес-конференцијата им се заблагодари на оние од медиумите кои не ги објавувале „тие глупости кои можеби ги објавувале разузнавачките агенции“.

Како што кажа на средбата со новинарите, доколку разузнавачките агенции навистина ги објавиле спорните документи, што тој ги нарекува „лажни вести““, тоа ќе биде голема дамка врз нивното наследство.

Трамп, исто така, наведе дека се радува за својата инаугурација, на 20 јануари, за која рече дека ќе биде на убав ден.

Првото прашање беше за скандалот околу наводното хакирање, а Трамп одговори дека  „мисли дека е тоа Русија“, но дека во тоа учествувале и други поединци и други земји.

На прашањето за неговиот однос со Русија, Трамп наведе дека „доколку на Путин му се допаѓа Трамп, тогаш тоа е предност, а не маана“:

- Дали навистина мислите дека Хилари Клинтон беше поостра кон Путин? Дали некој верува во  тоа? Ма ајде.

Трамп одговори и на прашањето за извештајот во кој се наоѓаат доверливи документи во кои пишува дека Русите тврдат дека имаат компромитирачки лични и финансиски податоци за Трамп.

Кремљ, меѓутоа, тврди дека Русија не поседува „компромитирачки“ податоци за Трамп.

Кога дојде прашањето за „Обамакер“, реформата во која администрацијата на Обама вложи многу напори и пари, а која републиканците многу ја критикуваа, Трамп рече : „конечно, мислев дека ова прашање никогаш нема да ми го поставите“, по што оцени дека „Обамакер“ е „целосна катастрофа“.