Македонија
11. August 2018 - 18:11

Прв Лапидариум во Прилеп

Прилеп за прв пат ќе добие Лапидариум, односно изложбен простор на отворено каде ќе бидат поставени мермерни скулптури и други експонати изработени од камен кои во изминативе 60-тина години се пронајдени на археолошките локалитети во прилепско, како што се : Маркови Кули, Варош, Прилепец, Дебреште и секако еден од најзначајните, античкиот град Стибера. Лапидариумот се наоѓа во дворот на Заводот и музеј Прилеп и ќе биде на еден начин надополнување на веќе постоечката археолошка поставка.

„И се надеваме дека направивме еден пристоен простор кој ќе можат странските туристи, нашите сограѓани, како и учениците да го посетуваат и да го видат нашето културно богатство кое досега воопшто не е на ваков начин изложено“, изјави Благоја Атанасоски, дииректор на Завод и Музеј Прилеп.

Во Лапидариумот ќе бидат изложении околу 60-тина експонати, дел од нив за прв пат пред јавноста. Претходно овие предмети беа буквално расфрлани низ дворот на музејот. Сега конечно Прилеп ќе добие уште една музејска поставка и уште една туристичка атракција.

„Изложени се мермерни склуптури, претстави на божества и видни граѓани, мермерни арии, релјефи, капители од столбови, жртвеници, и други разни архитектонски елементи, како се што архитектонски греди, носачи, а исто така има и надгробни стели каде што се презентирани во релјефи покојникот, неговата фамилија и епиграфски елементи, односно натписи“, истакна Душко Темелкоски, археолог.

Средствата за изградба на лапидариумот се обезбедени од Министерството за култура, а тој свечено ќе биде отворен за многу брзо време.