Македонија
18. April 2017 - 14:13

Прскање против крлежи во Куманово

Општина Куманово во четврток и петок ќе изврши третирање против крлежи на нејзиното подрачје, соопштија денеска одговорните од Секторот за инспекциски надзор.

Како што информира Гордан Таневски, комунален редар од општина Куманово, третирањето против крлежи ќе се спроведе во четврток и петок на јавните зелени повшини, градскиот кеј, парковите и плоштадите. Површините кои ќе бидат третирани ќе бидат видно обележани.

- Тендерот го доби фирмата „Плант Медика“ и третманите ќе се вршат два пати годишно, напролет и наесен. Сепак, мора да потенцираме дека првичното најавено третирање против крлежите ќе се спроведе само ако тоа го дозволат временските услови. Доколку не, тогаш ќе се одложи за што дополнително ќе бидат информирани граѓаните, изјави Таневски.

Од општината апелираат до граѓаните да не се задржуваат подолго на третираните површини и да не ги шетаат домашните миленици, особено во периодот непосредно по завршување на третманот.

Годинава, за дератизација, дезинсекција и дезинфекција општина Куманово ќе одвои 600.000 денари.