Балкан
9. December 2016 - 9:54

Провокација: Турски пратеник ќе го кревал турското знаме на 18 грчки острови

Пратеникот на турската Републиканско-народна партија, Танжу Јозџан, во Парламентот излезе со предизвикувачка изјава во однос на Грција, изјавувајќи дека ќе го крене турското знаме на грчките острови во Егејско Море и грчкото знаме по курир ќе го им го врати на Грците, соопшти весникот „Етнос“. 

- Во Грција има 18 острови и две мали скалести островчиња што и припаѓаат на Турција. Турскиот претседател, кој многу добро го познава ова прашање, ги затвора очите пред оваа реалност. Тој треба на Грција да и каже: тргнете си го знамето оттука, тоа е наша територија. Ние им подаривме на Грците 18 наши острови, ќе отидам на островите и ќе го кренам турското знаме, после ќе го симнам грчкото знаме и по курир ќе и го испратам на  грчката Влада, изјави Танжу Јозджан.

„Доколку турската Влада не ја исполни оваа своја задача, ќе ја исполниме ние...Ќе отидеме следната недела и ќе кажеме дека териториите на татковината се натопени со крвта на хероите. Ќе отидеме и ќе претендираме на малите островски скали, кои тие ни ги зедоа пред нос“, дополни пратеникот на опозициската партија.

Во одговор на заканата, пратеник на владеачката Партија на правдата и развојот (АКП), меѓу другото изјави: „овие острови Вие им ги дадовте на Грците, и тоа во 1923 година под лидерството на Исмет Инону. На ова прашање за островите Ви имаме одговорено многу пати и дури Вие изразивте и загриженост“.

Весникот „Етнос“ потсетува дека лидерот на Републиканско-народната партија, Кемал Калачдароглу, пред неколку дена изјави дека 18-те мали острови се под владение на Грција и обраќајќи се кон турскиот премиер Бинали Јилдерим запраша: „Ќе ги вратите ли назад овие 18 острови или не?“.