Македонија
4. July 2022 - 16:37

Протоколите се уште тајна - он лајн средба Османи - Генчовска?

Содржината на билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија се уште се држи во тајност. Документот, во кој всушност се наоѓаат најголемиот дел од бугарските барања вклучувајќи ги и оние најчуствителните, се уште е непознаница за македонската јавност.

Неговата содржина не се објавува и покрај најавите на министерот Османи дека тоа ќе се случи во најбрз рок.

Што е договорено за историските прашања, говорот на омраза и рехабилитацијата на жртвите од комунизмот засега не се знае.

Протоколот, кој е дел од францускиот предлог за почеток на преговори официјално не е потпишан, а денеска според најавите, бил тема на разговор на онлајн средбата Османи – Генчовска.

Од македонското МНР ниту потврдуваат, ниту демантираат ваков состанок на шефовите на дипломатиите, ниту пак има информација за денешната агенда на министерот.

Според најавите, Османи и Генчовска не разговарале за преговарачката рамка, туку за содржината на протоколот, кој, како што најави претходно и македонскиот министер, ќе биде потпишан веднаш штом Владата ќе го одобри целиот пакет.

А на дипломатијата на Османи се пожалија од Македонскиот дипломатски синдикат. Побараа оставка поради, како што велат, свесно нејзино уништување.

„Македонските дипломати не го имаат ниту видено ниту анализирано францускиот предлог, како што вие тврдевте. Тоа го имаат направено само еден-двајца ваши најблиски соработници, кои патем како награда си добија мандати во странство. Уште полошо, си дозволивте да се заканите со нарушување на меѓуетнички немири, доколку францускиот предлог бил одбиен, враќајќи не во едно темно минато кое мислевме дека остана далеку зад нас”, велат од Синдикатот.