Балкан
3. August 2018 - 8:57

Противпожарна служба на Грција: 85 идентификувани жртви, две неидентификувани тела и еден исчезнат

Бројот на идентификувани жртви од катастрофалните пожари во источниот дел на областа Атика, според соопштението на противпожарната служба на Грција, изнесува 85 лица, од кои четворица им подлегнаа на повредите во атинските болници, а 81 лице беше идентификувано во Дирекцијата за криминални истраги на грчката полиција.

Во Дирекцијата, постојат и две неидентификувани тела со достапна ДНК, но кои никој од нивните роднини не ги побарал.

Противпожарната служба на Грција, соопштува дека врз основа на поднесените официјални документи, едно лице се води за исчезнато.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, останува нејасно дали во Дирекцијата за криминални истраги на грчката полиција завршиле со процесот на идентификација на телата.

На 29 јули, противпожарната служба на Грција, првпат официјално го соопшти бројот на исчезнати лица, а според тогашните информации 91 лице загина, а 25 се водеа како исчезнати.

Од одделението за судска медицина кои го водеа процесот на аутопсија, по завршувањето во петокот, како што тогаш објави МИА, изјавија дека била направена аутопсија на 86 лица. Во меѓувреме четири лица починаа додека беа на лекување во атинските болници.