Македонија
20. јуни 2019 - 16:36

Протестите го предомислија Mинистерството, ќе се запишат сите „петкаши“ во Орце

По дводневен протест, родителите се изборија нивните деца да се запишат во гимназијата Орце Николов без да полагаат квалификационен тест. Скопската гимназија ќе прими 26 полуматуранти повеќе од определената квота, сите со просек 5.00. Нема да биде отворена нова паралелка, учениците ќе бидат распоредени во предвидените 9 класа.  Министерот за образование првично објави дека согласно законот мора да полагаат тест но  подоцна по средба со родителите  попушти на притисокот  и ја промени одлуката.

- Сите ќе бидат запишани. – Да се размислува да се прави национално тестирање за да не јавуваат вакви проблеми. “, изјави министерот за образование, Аебер Адеми

Ова не е првпат да биде зголемена квотата  на ученици во ова училиште иако во конкурсот за упис стои дека доколку се пријават поголем број полуматуранти кои ги исполнуваат критериумите ќе полагаат тестови по предметите македонски и математика. Директорот сепак е задоволен што е постигнато конструктивно решение и учениците со 75 бода ќе бидат примени.

Протестот кулминираше  откако беа објавени списоците за полагање. Родителите не отстапуваа од барањата учениците да не бидат дискриминирани на овој начин. Се сретнаа и со советници на премиерот во Владата.

Тестови нема да полагаат ниту  учениците од скопското  медицинско училиште Панче Караѓозов ниту во Димитар Влахов во Струмица каде исто така беше надминат бројот за околу 5 полуматуранти на отсекот медицинска сестра на македонски јазик. Конкурсот за запишување ученици е завршен  во скопските гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, во „Никола Карев“, како и во гимназијата „Георги Димитров“.