Свет
27. November 2022 - 10:51

Протести во Шангај поради ограничувањата за Ковид-19

 Во Шангај денеска избувнаа протести поради заклучувањето како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, нагласуваат очевидци во изјави за западни медиуми, додека во Кина расте гневот против драконската политика „нулта ковид“ што владата ја спроведува речиси три години. Во видео на интернет, а кое според агенцијата Франс прес е снимено на улица во центарот на Шангај, стотици демонстранти извикуваат „Си Џинпинг оставка“ и ја осудуваат Кинеската Комунистичка партија, пренесе Бета.

Друго видео покажува луѓе кои се собираат во центарот на Шангај за да им оддадат почит на десет лица загинати во пожар во Урумчи во западниот регион Синџијанг. Во бројни извештаи на социјалните мрежи во Кина, се укажува дека настаните биле влошени од мерките против Ковид бидејќи тие го забавиле пристигнувањето на помошта.

Според други објави на социјалните мрежи, бдеење во спомен на загинатите во Урумчи биле организирани на неколку универзитети во државата. Полицијата привела од непознати причини најмалку две лица, додаде сведокот за Франс прес, пренесе Бета.

Властите ја ограничија онлајн дискусијата за демонстрациите.