Свет
15. January 2017 - 10:50

Протести во САД против стапувањето на должност на Трамп

Со собири во неколку градови во САД синоќа започна најавената серија протести против стапувањето на должност на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, предвидено за 20 јануари.

Протестите официјално се одржа под мотото за поддршка на правата на мигрантите и против предизборните ветувања на Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико и за забрана за влез на муслимани во САД. 

Во центарот на Вашингтон протестот се одржа пред една стара црква, каде поголемиот број верници се припадници на афроамериканската заедница. 

- Нема да дозволиме Трамп да ја погреба Статуата на слободата, изјави демократскиот сенатор Крис ван Холан во обраќањето пред присутните демонстранти. 

Неколку илјади лица се собраа и пред седиштетото на Синдикатот на наставниците во Чикаго, од каде изразија поддршка на мигрантите. Говорниците на собирот најавија дека ќе се борат за заштита на правата на мигрантите и против секој обид на Администрацијата на Трамп за нивно кршење. 

Протести беа одржани во уште десетици други градови ширум САД, меѓу кои поголеми собири имаше во Лос Анџелес и Сан Хозе.

Најавената серија протести претставува продолжување на кампањата започната минатата година, кога над еден милион Американци излегоа на собири против предлог-законот инициран од републиканците против илегалната миграција.