Балкан
19. January 2016 - 13:53

Протести на пензионери во Атина и Солун

Пензионерите во Атина и Солун денеска излегоа на протести со барања пензиите повеќе да не се намалуваат, бесплатно државно здравство и неоданочување на минималните приходи.

- Ние плативме за кризата и не можеме повеќе да плаќаме, велат грчките пензионери.

Демонстрантите во Атина организираа марш до зградата на Министерството за труд.

Пензионерите имаат поддршка и од синдикатите, кои за 4 февруари свикаа генерален штрајк против пензиските реформи кои Владата ги предложи по барање на меѓународните кредитори.

Тоа ќе биде трет генерален штрајк за три месеци, од повторното доаѓање на власт на Алексис Ципрас. Првиот беше во ноември, а вториот во декември.

Грција е под притисок на меѓународните кредитори да ги намали трошоците за пензии, кои се најголеми во ЕУ. Земјата одвојува 17,5 проценти од бруто домашниот производ за пензии, додека во Европа просекот е 11,5 проценти од БДП.

Владата во Атина планира намалување на максималните пензии од сегашните 2.700 евра на 2.300 евра и воведување на нова минимална загарантирана основна пензија од 384 евра.

Според договорот со меѓународните кредитори, Грција годинава треба да ги намали пензиските трошоци за 1,8 милијарди евра. Предлог-законот треба да биде разгледан во Парламентот на почетокот на февруари.