Македонија
15. April 2016 - 23:33

Протести на опозицијата против аболицијата и изборите на 5.јуни

За разлика од случувањата изминатите два дена, кога демонстрантите ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов, ги кршеа стаклата од министерството за правда и се судрија со полицијата при обидот да стигнат до седиштето на ВМРО ДПМНЕ, овојпат протестите организирани од  граѓанската иницијатива „Протестирам“ поминаа мирно.

Протестот започна пред СЈО, каде насобраните граѓани преку скандирање и свирежи изразија поддршка за обвинителите. Повторно беше побарана оставка од претседателот Ѓорге Иванов, итно повлекување на одлуката за избори на 5 јуни и отворање на процес за избор на експертска влада.

Потоа демонстрантите продолжија кон Собранието на РМ, но стигнаа само до Порта Македонија, бидејќи полицискиот кордон не им дозволи да продолжат понатаму. Оттука се упатија кон плоштадот Македонија, со цел преку Камениот мост да стигнат до Владата на РМ. Дел од нив со јајца и боја фрлаа кон Порта Македонија.

Последниот кордон специјалци беше поставен во близина на Владата и кратко време не ги пушташе демонстрантите. Но по еден час полицијата се повлече и граѓаните го завршија протестот пред платото на Владата.

Од граѓанската иницијатива најавија протести и за утре.