Македонија
3. May 2017 - 19:21

Протестен марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Скопје

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ попладнево го одржаа 66-тиот протестен марш од пред зградата на Владата до Собранието, пред кое се обратија предводниците на иницијативата Богдан Илиевски и Борис Дамовски, како и актерот Роберт Велјановски. 

Илиевски прочита фејсбук статус на иницијативата „За заедничка Македонија“ во кој се наведува дека „ова е еден вид окупација, со самоназначен парапретседател на Собрание“.

- Оваа евробирократска дивоградба на моќни сили, создадена набрзина, секогаш ќе остане дивоградба. Не може да ја легализира никој освен граѓаните на избори. И колку и некој да не сака да ги слуша граѓаните, ќе дојде ден кога гласот на народот ќе победи. Бидејќи гласот на граѓаните за заедничка Македонија е глас за почит, глас за љубов, глас за мир, разум и достоинство. Глас за гордост, почит и против дискриминација. Тој глас ќе победи.Но, до победата, мора да се бориме...а во таа борба, најсилното и единственото оружје сме сите ние, рече Илиевски. 

Борис Дамовски ги повика партиите на демократски начин да ја разрешат ситуацијата која, рече, не е на штета само на Македонците, туку и на другите етникуми чии знамиња, додаде, денеска  ги немало во Кабинетот. 

- Оваа селективност и оваа бинационалност предупредувавме дека ќе дојде до ова, но не послушаа. Само народ може да ја спаси оваа држава, бројност… Нам ни треба стоилјаден народ на улиците на овој главен град -  тоа грло се слуша. Не се предаваме, ќе пробаат се, со грда пропаганда, но нема да се предадеме на оваа окупација. Овој пат е пат до слободата преку избори.. Македонија заслужува правна држава. Мораме да ја донесеме назад слободата во поробена Македонија. Не смееме ова да го оставиме, не се предаваме. Преку избори е патот до слободата, истакна Дамовски на 66-тиот протестен марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Скопје.