Македонија
3. April 2017 - 19:49

Протестен марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ по 36. пат во Скопје

Во Скопје денеска се одржа 36-тиот протестен марш што го организира иницијативата „За заедничка Македонија“. Учесниците на маршот од пред Владата се упатија кон седиштето на ЕУ со порака до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека „народот е тој кој одлучува“.

- Триесет и шести ден како 100-тици илјади граѓани на оваа земја решија да кажат како народот не смее да биде игнориран, 36-ти ден како бараме од сите политички партии да се откажат, да ја отфрлат да ја осудат тиранската платформа. 36-ти ден како повторуваме, не сакаме двонационална, двојазична Македонија, туку мултиетничка Македонија, заедничка Македонија, 36-ти ден како повторуваме дека нема дебата за знамето, за химната, за државниот грб, нема дебата за името на Република Македонија, рече Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Тој истакна дека во Македонија доаѓале политичари со свои агенди и интереси, кои не сакаат да го слушнат гласот на народот, но и такви кои имаат малку повеќе сенс за зборот суверенитет и не наметнуваат решенија.

- Македонци, некогаш во нашата земја и во оваа зграда доаѓаат луѓе, кои што мислат дека можат да ни го свиткаат грбот. Некогаш доаѓаат политичари со свои интереси и свои агенди, кои сакаат да не се сретнат со народот и да не го слушнат гласот на народот. Нo некогаш доаѓаат и такви политичари кои имаат малку повеќе сенс за зборот суверенитет и такви политичари кои не се наметнуваат со такви решенија, кои резултираат со свиткана кичма. Му посакуваме добредојде на Туск и му посакуваме добро да не види колку сме, бидејќи ако повторно дојде некој Хан ние можеме да се собереме и во неколку пати поголем број од овој, рече Илиевски.

Претседателот на Европскиот совет Туск, како што истакна Илиевски, ги слушнал пораките кои граѓаните ги испраќаат и дека ќе им ги пренесе на своите колеги од Брисел.

- Се надеваме дека ги слушнал нашите пораки и ќе ги пренесе кај неговите колеги во Брисел, од кои дел од нив сигурно мислат дека лесно може да се справат со нас, иако 36-ти ден по ред им гарантираме дека не е така. Ќе продолжиме да им гарантираме, да покажуваме и докажуваме дека никој не може да ја сака оваа земја повеќе од нас самите и никој не може да се бори повеќе за неа од нас самите. Добронамерниците ќе ги пречекаме како што треба, оние другите како што заслужуваат, рече Илиевски.

Борис Дамовски од иницијативата  „За заедничка Македонија“ рече дека не ни е потребен референдум за да знаеме кои сме, туку ни треба референдум за да знаеме каде одиме.

- Вие знаете дека ако има евроскептик меѓу нас тоа сум јас...Не ни треба референдум за да знаеме кои сме, ни треба референдум за да знаеме каде одиме и да се прашаме сите дали овој е нашиот пат, рече Дамовски.

Игор Дурловски пак порача дека сите оние кои ја броеле масовноста на протестите погрешиле бидејќи како што вели, народот не се брои и оти тука конвенционалната математика ја губи својата смила.

Според Дурловски, народот кој секојдневно е на улиците низ Македонија е како мора и како пламен. - Толку жежок е тој пламен што нежните раце на оние кои преговараат за судбината на еден народ на тркалезни маси ќе изгорат. Таквиот пламен не смеете да го потценувате и маргинализирате, посочи Дурловски.

Организаторите и за утре најавија протест, повикувајќи на поголема масовност.