Македонија
27. November 2022 - 16:32

Протест во Штип поради узурпација на дворно место

Педесетина станари од позната стамбена зграда „Промаја“ и околните куќи во Штип, излегоа на протест, поради како што велат, узурпација на дворното место и пристапот до нивните домови од страна на приватен инвеститор. Итната медицинска помош не може да интервенира, а во случај на пожар, нема никаква можност за пристап на противпожарното возило.

- Каде јас да слегувам по тие 100 скалила до мојот стан и 100 назад, со патарици, не можам да се симнам до долу, во ќебе ме носат за да ме стават во кола, срамота та нема каде, изјави Босилка Арсова, станарка.

Наместо паркови и зеленило или паркинг простор во строгиот центар на градот, пред 6 години е издадено одобрение за градба на гаражи, но станарите стравуваат дека во двор ќе им никне деловен објект, со што ќе останат целосно блокирани.

- Овде наместо да се пракираат колите на станарите, ќе се паркираат некои кои имаат потреба од сервис, ќе се ангажира оператива и фактички овој дел овде ќе биде 100% блокиран. За кратко време, доколку се реализира како што наумил инвеститорот, тука најверојатно стнарите ќе почнат пиштоли да вадат за паркинг место, изјави Златко Шумански, станар.

Штипскиот градоначалник им даде поддршка на станарите и истакна дека се работи за наследен проблем, зашто инвеститорот не го испочитувал предвидениот рок за градба од 2 години, наплатени му се пенали во висина од 500 000 денари, а треба да плати и казна од 700 000 денари.

- Доколку овие средства во времетраење од 1 месец не бидат платени, тогаш стапува на сила обврската која што ја имаме ние како Општина, односно да ја преземеме земјата во наша сопственост, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Жителиоте стравуваат и дека доколку се гради надвор од планот, може да биде нарушена и статиката на зградата.