Македонија
9. January 2019 - 17:03

Протест против уставните измени пред Собранието

ВМРО-ДПМНЕ нема да даде легитимитет за промена на Уставното име и се приклучува на граѓанскиот протест пред Собранието, информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

До промената на Уставот, како што посочи, се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ на денешната седница нема да дадат легитимитет за промената на Уставот затоа што, како што додаде, таквите измени немаат легитимитет од  граѓаните.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ во обраќањето до граѓаните рече дека тој и неговата партија преку пруклучувањето на протестите ќе продолжат да пркосат за сето она што се случува во Собранието и ги повика граѓаните во наредните денови да не подлегнуваат на провокации.

Инаку точно напладне, за кога и беше закажан почетокот на пленарната седница за последната фаза од уставните измени, здруженијата „Tврдокорни” и ,,Македонија блокира“ го почнаа протестот пред Собранието, против, како што наведуваат, „најголемото национално предавство“

Министерството за внатрешни работи потврди дека две лица се приведени за нарушување на јавниот ред и мир во текот на протестот, кој заврши околу 18 часот. Учесниците на протестот најавија дека утре напладне повторно ќе се соберат пред собраниската зграда за да испратат порака против уставните измени.