Македонија
17. December 2017 - 16:16

Протест против труењето кучиња: „Отровот не е решение“

25 годишна девојка е касната од куче во охридско Косел. Одејќи по улица вчера рано наутро била касната во задниот дел од десната нога а поради сериозната повреда побарала лекарска помош.

Случајот го пријавила и во Охридската полиција. Во текот на вчерашниот ден пак до Секторот за внатрешни работи, пристигнале и две пријави за труење на кучиња.. Според соопштението на МВР, затруените кучиња се пронајдени на различни локации од градот.

Случаи со растурање на отров во изминатиот период беа регистрирани и во Скопје по што денеска група граѓани протестираа пред републичкото собрание со барање да се забрани слободната продажба на отрови.

Сметаат дека тоа не може да биде решение за проблемот со кучињата скитници.

Апелираат до државните органи да ги зголемат и капацитетите за сместување на заловени кучиња, но и строги казни за сопствениците кои ги напуштаат домашните миленици..

Инаку проблемот со кучињата скитници се актуелизираше изминатава недела откако во скопската населба Лисиче, ротфајлер искасапи неколку деца и жени.. Ден подоцна надлежните информираа дека кучето е заловено и се бара неговиот сопственик.